Св. Климент Охридски  

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух,
Навистина, голем е поводот кој нe собира секоја година на овој ден, а тоа е споменот на основоположникот на македонската писменост, просвета и култура, епископот Св. Климент Охридски, на чија дејност се темели и Охридската архиепископија, односно Македонската Православна Црква.
Чувствувам особена немоќ, да искажам похвала за величината на светото дело на свети Климент. Бидејќи „Таков првосвештеник ни требаше“(Евр. 7:26). Првосвештеник кој како добар пастир ја положи душата своја за словенското паство“(Јн.10).
Христољубци,
Ако не беше мисионерската, учителската и просветителската дејност на св. Климент, ќе беше речиси незамисливо мисионерското дело на Светите Браќа. За жал ништо не се знае за образованието на свети Климент Охридски. Но ако за образованието на свети Климента ништо не ни кажуваат неговото житие за истото можеме да си создадеме претстава врз база на неговите дела, кои што ни говорат за човек што многу добро ја познавал теолошктата литература. Но сепак, овој најстар ученик на Св. Кирил и св. Методиј ги поставил темелите на христијанствотом, на македонско-славјанската писменост во својата татковина Македонија. Свети Климент е првиот македонски духовник, учител и книжевник. Оваа негова дејност била цврсто поврзана со вистинското сестрано христијанизирање на македонците, како и основањето и организирањето на првата македонска епископија во Охрид и областа Кутмичевица. Свети Климент продолжил со преведувањето на светите книги на јазикот на македонците и го основал Охридскиот универзитет, со што отишол чекор понапред од своите учители. Тој извршил и корекција на некои букви од македонската азбука, и ја нарекол кирилица, во чест на својот учител св. Кирил Солунски.
Празникољубци,
Во Светиклиментовиот Охридски универзитет се школувале околу 3.500 ученици, од кои многумина биле ракоположени за свештеници, ѓакони и ипоѓакони. Голем број од нив биле испратени на свештенослужителска и проповедничкомисионерска работа кај повеќето славјански народи, како кај: бугарите, србите, црногорците, чесите, словаците, русите, украинците и кај други народи кои имале сличност со славјанскиот јазик.
Во 893 година Свети Климент бил хиротонисан за епископ. Тој е пр-виот славјански епископ во македонската - Величка епархија. Оваа македонска епископија од страна на црковните историчари со право се смета за прва организирана Црква на Балканскиот Полуостров.
И така св. Климент, ученикот и соработникот на Македонските и сеславјанските апостоли и просветители Кирил и Методиј, стана прв македонскославјански епископ, виден книжевник и проповедник на Христовото Евангелие во IX и X век. Тој е основоположник на македонско-славјанската просвета и кни-жевност во Македонија. Меѓутоа тој за пример во животот си го зел својот учител, великиот Методиј. Бидејќи го познавал неговиот живот како никој друг, го придружувал уште од своите младински години и бил сведок на сите негови подвизи и сите негови дела. Свети Климент учествувал во проповедничката дејност на Светите Браќа, учествувал во преводите на светите книги, како и составувал свои дела. Составил беседи за сите празници и недели, обични и јасни, кои не содржле нешто длабоко, ниту пак премногу мудро, но такви да се достапни дури и за најнепросветениот Словен. Со такви тој ги хранел душите на простите Словени, како со млеко да ги поел оние што не биле во состојба да примат потврда храна и на тој начин станал втор Павле за вторите Коринтјани – Словените.
Самиот Св. Климент иако бил зафатен со пишувањето на слова и поученија, наоѓал време и за својата учителска работа на Универзитетот, за пастирствување и поучување на своте духовни чеда, за богослужење, за тоа како треба да се обработува земјата, како да се калемат дивите овошки, како да се градат куќите, како да се хранат луѓето и како да го пазат своето здравје и здравјето на добитокот. Со ваквата своја мисионерска дејност, Св. Климент стои како Грамодна фигура во самиот почеток и оформување на нашето народно битие. Затоа сe што е направено и постигнато досега во Македонската православна црква е постигнато под молитвеното раководство на нашиот свет ПАТРОН Свети Климент Охридски и на неговото плодотворно духовно присуство. Па и задачите што стојат пред сите нас и нашата Света Црква во блиска и подалечна иднина се извршуваат како и оние досега во духот и според пораките на нашиот свет закрилник.
Но и за во иднина да можеме да изнаоѓаме светиклиментовски одговори и разрешувања на проблемите што се поставуваат пред нас, потребно е делот на нашиот предводник постојано да го согледуваме како света задача во сите досегашни историски дадености. Оваа и ваквата иднина ни овозможува да ја следиме во нејзиниот континуитет евангелската, црковната и патриотската доследност на Светиклиментовата Македонска православна црква и на нејзиниот небесен молитвеник и инспиратор.
Светата Црква, како божествен инструмент, станува поефикасна, ако е приспособена спрема психичките и етничките карактеристики на одделен народако таа е народна. Токму ваква била нашата црква низ вековите и таква продолжува да живее и денес. Ова е еден од основните принципи на православното црковно право, врз кои почива правото на црковната самостојност на пооделни народи. Зад ова стои учењето на вселенските собори. Ваквата практика постоела уште од апостолско време, а продолжува и до денес. Затоа и автокефалноста на Светиклиментовата МПЦ ги покажала и докажала своите квалитети низ целата наша црковно народна историја и денес.
Иако денешниот ден е голем ден и ден за радост но неможеме а да не се присетиме на судбината на нашиот македонски народ која, како и то-гаш, така и денес е страдална, но во тоа нема ништо срамно. Срамни се нашите меѓусебните недоразбирања и делби што ги имаме. Бедејќи делбите се такви, што не прават мали, бедни и зависни од другите…
Туку да го оставинме тоа и да се поучиме од Свети Климента кој со силата на својот збор им се обраќал на слушателите и им велел: „Да живееме браќа во чистота и љубов искрена, да се откажеме од секое зло и со добри дела да се украсиме..“, а јас би додал, само така ќе можеме да ги исполниме пророчките зборови на свети апостол Павле:
Да го помниме свети Климента - богоизбраниот наш наставник што ни го проповедаше словото Божјо.
Да го имаме пред очи крајот на неговиот живот, и
Да ја подржуваме неговата вера, бидејќи тоа од нас се бара.
Сепак на крајот „Прости ни оче Клименте, што можеби не успеавме најдостојно да ти се оддолжиме за се што чиниш и што направи за нас, Твоите духовни чеда!
Но, ти ветуваме и се заколнуваме дека испуштеното ќе го надополниме иако знаеме дека нема да ги решиме проблемите на секојдневието, но сметаме дека наша света должност и одговорност како твои последователи и Христови ученици да се обидеме со подвигот на служењето да помогнеме, и ако ништо друго, барем во човечките срца и умови да ја запалиме искрата на љубовта кон Христа за можат да ја разберат тајната на служењето.
Свети оче Клименте покри не и заштити не со твојот светителски омофор и дај Боже постојано да свети Твојата светлина во сите нас осветлувајќи ни го патот кон вечниот животот и кон иднината на Нашата Света Македонска Православна Црква. Амин!



Сайт создан в системе uCoz