26 Недела по Педесетница  

БЕЗУМНИОТ БОГАТАШ

(Лк. 16-21)

На некој богат човек нивата му беше родила многу; и мислеше во себе, велејќи: Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои. Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе и речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади пиј и весели се! Но Бог му рече: Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане? Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога.
Кога праведниот и многустрадален Јов, по Божја дозвола останал без ништо и без никого, во знак на тага ја раскинал горната облека, ја острижил главата, паднал на земјата, па се поклонил – и иако во природна болка за своите деца, за добитокот, за имотот, кој ѓаволот му го одзел – рекол: „Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Нека е благословено името Господово!“
Благочестиви христијани и христијанки,
Така постапуваат сите умни и праведни христијани бидејќи сметаат дека се што имаат: и животот, и децата, и добитокот и имотот – со еден збор сe, дека тоа им е дадено од Бога. По христијанската философија на животот на човекот му е се подарено од Бога, заради неговата подготовка за во вечниот живот во овој краток и привремен живот.
Но така не постапуваат неразумните и грешните. Тие го прават спротивното – токму онака, како што постапил и богатиот од денешното евангелие, кој поради тоа го добил и атрибутот: неразумен, поради што и целиот евангелски текст го носи насловот „Неразумниот богаташ“.
Денешното неделно евангелие е кратко но неговата порака е многу значајна за човечкиот живот.
На почетокот се вели: „На некој богат човек нивата му беше родила многу“.
Да, Господ дал родна година. Дождот Божји ја залевал земјата редовно, а сонцето Божјо, со своите топли зраци, после дождот, ги извлекувало посевите кон себе и ги закитувало со плодови. А човекот богаташ, уште додека не беше созреала летнината, се загрижил исклучиво за тоа каде ќе ги собере толкуте плодови бидејќи многу се родило: и пченица, и јачмен, и рж, и овес, и овошје и зеленчук. И грижејќи се единствено за тоа се досетил и си рекол: Знам што ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра. Значи упорно е решен: да го разруши старото, да соѕида ново и да ги собере таму сите свои добра! Но заборавил на едно да каже: Ако даде Бог!
Според нашата вера православна: нема постојана, вечна, неотуѓива своина. Се што има човекот како „свое“ е дар од Бога. И обилната летнина е дар Божји. Затоа ниту летнината, ниту пак нешто на светот станува без Божја волја. Впрочем да не е редовниот дожд и топлото сонце зарем може летнината да напредува? А кој од луѓето може да каже: Дождот и сонцето се моја своина! Оттаму и човечката мисла првенствено треба да биде насочена кон Бога како благодарност за изобилниот дар во вид на родна година.
Потоа: Кога Бог го наградува човековиот труд со изобилни земни плодови, не го наградува единствено само него но и неговите ближни, а особено оние кои немаат! Впрочем така е и во секојденвниот живот. На пример; Кога таткото кој има полна куќа деца враќајќи се од пат му ја дава кутијата со подароци на најстариот син. Му ја дава нему за да тој со своите браќа и сестри поеднакво ги подели тие поклони. Така прави и Бог. Кога некого ќе го награди со изобилство на земни плодови, го наградува за да ги подели со своите браќа, со синовите Божји. Така да ако на местото од неразумниот богаташ бил праведниот Јов тогаш Јов би размислувал поинаку. Најнапред би заблагодарил на Бога за дарот со кој го дарувал, потоа би помислил на своите ближни кои се во сиромаштија и би нашол место каде да ја смести изобилната летнина без да ги руши старите амбари.
Народната мудрост вели: Кој на сиромашни дава на Бога заем дава. А Господ Исус Христос вели: Не собирајте богатство на земјата,каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат: но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадците не ги поткопуваат, ниту крадат. (Мт. 6:19.20).
И така едни преку богатството си добиваат блаженство во вечното Божјо царство, а други вечна осуда. Човечката среќа, значи, не е само во богатството како што и несреќата не е во сиромаштијата, затоа што и едното и другото можат човекот да го доведат до вечно блаженство, а исто така и едното и другото можат да го доведат до вечна осуда – односно таму каде што е плач чкртање со заби. Зависно од тоа како човекот се однесува кон богатството и кон сиромаштијата.
Сета човечка среќа не е во богатството, ниту во силата, ниту во знаењето… бидејќи се поминува како сон, и лажно како сенка – и богатството и силата и знаењето…
Вистинско нетрулежно богатство е она богатство кое што ни молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадците не ги поткопуваат, ниту крадат. Тоа се добрите дела телесните милости и добрите дела на духовната милост. Ако богатите со еден дел од своето богатство ги хранат гладните, ги напојуваат жедните и облекуваат необлечените; ако силните со својата сила ги штитат слабите, старите, понижените и навредените; ако учените со своите знаењс ги просветуваат неуките, во страв Божји, со вечните вистини на Спасителевата евангелска наука, си собираат за себе нераспадливо богатство, кое ни молец ни рѓа ги јаде ниту крадци го крадат.
Во денешниот евангелски текст особено внимание треба да се посвети и на уште една работа за која ние луѓето многу ретко и многу малку размислуваме, а која е многу важна за човечкиот живот и во овој и на оној свет.
Кога неразумниот богаташ ја донел одлуката да ги разруши старите амбари и да изгради нови, со нескриена радост од душата извикал: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади пиј и весели се! Но слушнавте што на ова Бог му одговорил? Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?
Благочестиви христијани и христијанки,
Човекот сонува, но Бог определува! И навистина е така: Бог е дарителот на живот. Он ги одредува времето и годините на човекот. Човекот не знае, ниту пак некогаш ќе знае, кога ќе се роди ниту пак кога ќе му заврши животот. Тој момент на човекот доаѓа одненадеж и никој неможе да го избегне ниту пак да го одложи. Затоа е речено: Најголема Божја правда што постои во светот е смртта. Кај смртта нема привилегија, нема подмитување, нема корупција нема одлагање нема протекција. Смртта го посетува секого што се родил. Затоа е потребно секој ден да живееме така како тој да ни е последен ден од животот на земјата. Нашиот народ рекол: Работи како да ќе живееш сто години, а моли се на Бога како утре да ќе умреш!.
Да Му се молиме на праведниот наш Бог да ни ја испрати својата небесна благодат, за да можеме да ги разбереме основните вистини на нашата вера, дека се што имаме од Бога го имаме, и тоа на одредено време заради наше спасение. И да не Господ Бог напрви мудри за да можеме да работиме правилно и чесно како да ќе живееме сто години, но и да се молиме на Бога како да утре ќе умреме. Амин.



Сайт создан в системе uCoz