Соборен храм „ Св. Никола“ - Штип

Во XIX век Турската империја значително ослабува. Во градовите во источна Македонија значајно се развила трговијата и занаетчиството, кои условуваат економско јакнење на христијанскиот свет и создавање на младата боржуазија. Збогатениот слој занаечии и трговци со помош на еснафите и христијанското население во градовите и на маестата на позначајните урнати манастири градат пространи големи верски објекти од базиликален тип. Со што градот Штип станува значаен стопански центар со богата сакрална, градителска и уметничка активност. Покрај другите градби во Штип и штипско, на местото на старата Сифиева црква Св. Никола, која се споменува во еден летопис од XIV век, или поточно во 1341 година, подигната е монументалната базиликална црква Св. Никола, изградена од градителот орѓи Новаков-Џонгар. За обновувањето - подигањето на црквата сведочи и натписната мермерна плоча вградена над главниот западен влез, чиј текст зборува дека црквата била изградена во времето на митрополитот ќустендилски и штипски Игнатија (обновисја от основание свјатиј храм, обштим иждивением и помошчју: при пастиреначелства митрополита кестенделска и штипски г-на Игнатија, родом Адрианополитани: маја 10:1867). Пред да се отпочне со градењето на црквата, во 1863 година е формиран Иницијативен одбор, кој издал писмен проглас за благодејанија во пари, материјали и работна рака, низ цела Македонија, од Пешкопеа (Албанија) до Атос (Света Гора) и од Ќустендил до Солун, од што може да се види, влијанието на Штип што го имал во минатиот век. Градителот ори Новаков - Џонгар инспириран од оствареното архитектонско наследство на Андреја Дамјанов и угледувајќи се на ренесансните и барокни влијанија, изградил повеќе цркви во Македонија, Србија и Бугарија, од кои позначајни се: црквата во Гњилане, 1861 год. - Србија; Св. Спас и Св. Никола Нови во Софија - Бугарија и црквата во Ѓуришкиот манастир - светиниколско. Црквата Св. Никола во основа е решена како трикорабна базилика, опкружена со тремови од западната, северната и јужната страна кои на катот преминуваат во галерии. На западната страна галеријата е на два ката. Централниот кораб е нагласен и е покриен со три куполи, а страничните со полуцилиндрични сводови. Од источната страна завршува со три полигонална апсида. Сводната конструкција, куполите и страничните полуцилиндрични сводови се изведени во дрвена конструкција и обликовани во рабец, а потоа малтерисани и живописани. Од постојните три портали од црквата, западниот портал е богато украсен. Вратата е изрезбарена, а над неа во камен песочник е изведена фигуративна и вегетабилна декорација. Внатрешноста на црквата е украсена со живопис на сводовите, фреско икони по ѕидовите, голем иконостас со икони работени од познатиот македонски зоограф Димитар Андонов Папрадишки, во 1869 година; фрескоживопис во олтарниот дел работен од зграфот Костадин Иванов Вангелов од Штип, како и копаничарските дела, од кои посебно место му припаѓа на богато украсениот балдахин во олатарниот дел на црквата и владичкиот трон во наосот на црквата, работени во ажурна резба. Во 1877 година, во западниот двор на црквата, започнато е со градба на училиште, кое по изградувањето во месец мај 1878 година го добило името на светите браќа Кирил и Методиј. Во ова и во Новоселското училиште во учебната 1894-96 година работи Гоце Делчев. Поради изградбата на патот што води покрај западната страна на црквата во 1982 година училиштето е урнато. Галеријата сместена во репрезентативниот простор на црквата Св. Никола е формирана во 1990 година и во неа е сместен богат фонд на уметнички творечки дела не само од оваа црква туку од црквите и манастирите на Брегалничката област. Галериската поставка, збогатена со иконите со иконите од големиот иконоста од ноосот на црквта, фреско живописот и богато резбарениот бадахин, претставува вистинска претстава за историското и црковно минато на овие простори. Во контекстот на застапените зографи на Постојаната галерија на икони посебно место им припаѓа на иконите на големиот олтарен иконостас во наосот на црквата, работени од познатиот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки во 1889-1890 год. Во галериската поставка се презентирани и неколку икони од Даниил Коцов Штиплијата работени за црквата Св. Никола, и тоа икона Св. пророк Даниил, работена 1895 год, Исус Христос, работена 1895 год, Успение на Пресв. Богородица, работена за црквата Св. Никола, с . Крупиште. Зографот Даниил во експонираните икони ја одгледува конзервативната линија, држејќи се на минатото во чии рамки создава стабилна композиција, типизирани ликови и колористички склад со помалку употребени тонови. Штипскиот зогрф Костадин Иванов Вангелов претставува значајно име во македонското сликарство од овој период. Неговите дела не заостануваат по своите сликарски вредности зад делата на неговите современици. Во неговиот сликарски опус, за црквата Св. Никола во Штип изработил неколку икони, денес експонирани во галеријата на икони во црквата Успение на Пресв. Богородица во Ново Село и фреско живописот во апсидниот простор во црквата Св. Никола - Штип. Во галерискиот простор се сместени голем број на Богослужбени книги и сакрални предмети кои датираат од првата и втората половина на XIX век. Прикажаното црковно творештво на мајсторите и зографите, кои твореле на овие простори, претставува голем придонес кон аирмација на македоснкото културно наследство. Нивните дела, односно изградбата на црквите по архиетектонско-техничките и уметничките квалитети претставуваат најголемо постигнување во она време на Балканот. Иконите на зографите, базирани врз богатите традиции на старите зографи достигнуваат одредени уметнички вредности. Иконите како и изведените фрески сведочат за големата творечка активност на македонските зографи и иконописци. Црквта Св. Никола, по формата и градбата, делува монументално, а внатрешно импозантно,останувајќи за секогаш обележје на нашето културно и историско минато.
јереј Николче ЃОРЃЕВ,
виш кустос Никола ПАНЗОВ

Напишите мне

Сайт создан в системе uCoz