Епископ Гаврил Велички  

ЕПИСКОП ВЕЛИЧКИ ГАВРИЛ

Роден е на 10 март 1926 година во Штип со световно име Мијалче Парнаџиев, од благочестиви родители Методи и Горица(Гора) Парнаџиеви. Татко му бил занаетчија, а мајка му домаќинка.
Основно образование и тогашна гимназија завршува во родниот град Штип. Во војската на тогашна ФНР Југославија престојува од 1944 до 1947 година и е одликуван со орден заслуга за народ. Потоа, некое време работи во Народниот одбор во Штип како службеник, а после тоа се запишува на факултетот за ликовни уметности во Белград. По дипломирањето во 1955 година се вработува како професор по историја на уметноста во Учителската школа и гимназија во Штип, а паралелно со работата се занимава и со скулптурство. Во 1960 година се отселува во Скопје каде работи како слободен уметник. Стремежот кон духовно усовршување во 1963 година го носи на Света Гора, со цел остатокот од животот да го помине таму во пост и молитва. Меѓутоа, за да се постане постојан жител на Света Гора, било потребно епископот Гаврил да се здобие со Грчко државјанство. Во исчекување за добивање постојан престој на Света Гора по осум години се враќа во родната си земја Македонија.
Во Македонија, како игумен и раководител престојува во почетокот во манастирот “Свети Пантелејмон” во Кочани, потоа во “Света Богородица” - с. Побожје, “Света Богородица”Матка -Скопје, за да во декеври 1975 година биде назначен за игумен на манастирот “Свети Гаврил Лесновски” во с. Лесново, кој ќе му стане и вечно пребивалиште.
Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква со одлука 30.06. 1981 година го одликува со чин Архимандрит.
За да на 28 август 1989 год. Новоизбраниот епископ Велички викар на Поглаварот на МПЦ на празникот Успение на Пресвета Богородица биде хиротонисан.
Епископот Гаврил во круговите на МПЦ, па и пошироко е познат како редок испосник и подвижник, а и како плоден автор на многу, проповеди и беседи, пишува стихотворби и книги на духовно-морални теми. Негова преокупација е темата “Во пресрет на 2000 годишнината на христијанството.
Прва некова книга е стихозбирката “33 ПЕСНИ ЗА ЕРУСАЛИМ” издадена во 1975, а потоа се редат: “Света Гора - небесна земја” во 1978, “Пред најголемиот јубилеј на човекот” во 1980, “2000 - годишнината на христијанството е на прагот” во 1981 и преводот на книгата “Чудата на Пресвета Богородица” во 1984 година.
Епископот Велички Гаврил е еден од агитаторите и идејните творци за формирање на монашка школа во Република Македонија.
Неговиот животен пат завршува во манастирот “Свети Гаврил Лесновски на 12.01.1990 година.
Неговото преосвештенство епископот Велички Гаврил, викар на Поглаварот на МПЦ, бил и ќе остане синоним за монаштвото во Македонија, а исто така за пример ни го остави и својот ревносен и самопожртвуван монашки живот, целосно посветен на светат Православна вера.

Пишете



Сайт создан в системе uCoz