МАКЕДОНСКИ СВЕТИТЕЛИ  

ПРАЗНИК НА СИТЕ МАКЕДОНСКИ СВЕТИТЕЛИ


Секој народ, обично, се гордее со она што го има, со она што е негово. Се гордее со постигнатото во литературата, во музиката, во архитектурата. Се гордее со своето народно творештво, се гордее со својата култура. Можеби постигнувањата на еден народ и не се големи како во споредба со некои други народи, но тоа е негово, тој тоа го сака, зашто го постигнал со многу труд, со многу жртви.

Оттаму, секој народ ги чествува своите творци, ги почитува оние личности коишто преку своите дела го изразиле народниот гениј, го претставиле него за посебен народ. Затоа ќе речеме дека секој народ се гордее, исто така, и со својата светост; се гордее со оние преку кои се манифестирала светоста на тој народ.

Така, тие носители и изразувачи на народната светост, всушност, се и карактеристика на тој народ. Кога еден народ ќе погледне наназад, во својата историја, и ќе види многу светила, коишто пламтат со пламенот на светоста, тој народ знае дека неговата можност, кон поголема светост, е уште поголема.

Народите се гордеат со својот културен гениј и покрај тоа што секој човек не го поседува дарот на својот народ. Народите се гордеат и со своите светителски великани, иако секој човек не ја носи во себе светоста на својот народ.

Но, да не заборавиме: светите луѓе, светителите, се и културни творци, и општествени творци – тие се и народни творци и апостоли. Низ целата историја на човештвото, до денес.

Уште преку Мојсеја Бог му порачал на Израилот: “Бидете свети, зашто Господ, вашиот Бог, е свет” (Лев. 19,2).

Господ Исус Христос им рекол на оние што тргнале по Него: “Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен” (Мт. 5,48); “И така секој што ќе Ме признае мене пред луѓето и Јас ќе го признаам пред Мојот Отец небесен” (Мт. 10,32). А апостол Павле вели дека христијаните се осветени во Христа Исуса (1 Кор. 1,2) и се повикани кон светост (1 Сол. 4,7).

Црквата, чиј камен аголен е Христос (Мт. 16,18), е света. Во неа живее светоста и преку неа се постигнува светоста. Со самата природа на Црквата определен е и односот меѓу членовите на Црквата. Заради тоа во неа членуваат само крстени членови. Поинаков е односот кон светителите, односно кон оние што со својот благодатно-добродетелен живот на земјата постигнале евангелско совршенство, поради што и Бог ги прославил, а поинаков е односот кон несовршените членови.

Црквата, односно верниците ги прославуваат светителите како личности коишто Го прославиле Бога, ги прославува како Христоносци, како личности во коишто Христос живее. А почитта кон светителите е почит кон Бога; нив ги почитуваме како Божји угодници и Божји пријатели, како Божји служители и наши посредници и застапници пред Бога.

Според учењето на Црквата, Божјата светост е цел на човечкиот живот на земјата. И заради тоа и Бог постанал човек, за, како Богочовек, да ни покаже како се доаѓа до Божјата светост. Свети апостол Петар пишува: “По примерот на Светецот, односно Исуса Христа, Кој ве повика, и вие самите бидете светци во сите ваши постапки” (1 Петр. 1,15).

Светителот, всушност, е единствено вистински човек – пишува еден современ православен теолог. Господ Исус Христос постанал човек за, како Богочовек, од човекот да направи благодатен богочовек, односно во човекот да го развие чувството кон вредностите на животот, кон вредностите на верата, кон вредностите на светоста.

Господ Исус Христос рекол дека светилото не се пали за да се стави под поклоп, туку се поставува на свеќник, за да им свети на сите во куќата (Мт. 5,15). Такви светилки, запалени од Бога – се светиите. Тие се поставени на високо, за да ги осветлуваат и осветуваат оние што со вера им приоѓаат. Бог ја запалил таа светлина во светиите, зашто и Самиот е светлина.

Македонскиот народ, од средбата со Словото Божјо, од примањето на Божјата вистина, а со тоа и примањето на светлината Божја – постанал свет народ, народ со светлина и светители.

Светителите од нашиот род, живееле во различни времиња, во разни епохи. И сите тие имаат иста светост, којашто доаѓа од Бога. Само различни им се подвизите: светите браќа Кирил и Методиј, светите Климент и Наум, не им давале дремка на своите очи, за да го просветат нашиот народ, и на културен, и на просветителски, и на христијанизациски план.

Светите пустиножители преку аскетизмот и бегањето од светот, преку својата света осаменост, го привлекувале и го осветувале нашиот народ. Светите исповедници и маченици, кои се многубројни од Нашиот род, со своето исповедување на верата во Христа и со презирот кон поробителите, извршиле свето дело, дело исполнето со љубов кон родот и кон Господа Христа, поднесле мачеништво за да ги зацврстат верата и надежта меѓу нашиот народ. И многубројни се безимените светии, маченици и исповедници, од нашиот род од времето на друговерните и туѓински поробители. Но, нивните имиња, коишто не ги знаеме, сепак се запишани во книгата на светиите кај Бога.

Би сакал токму денес кога светата Црква и определила да си спомнеме за сите македонски светители и многуте наши македонски светии да ги примиме за свои, зашто се наши, односно, и покрај тоа што светителите не знаат за граници, и им припаѓаат на сите, сепак нашите светии треба да ги знаеме и почитуваме.

Речено е дека великаните ги заслужуваат само народите што ги почитуваат, а јас би додал дека светителите им припаѓаат на оние народи што ја следат нивната светост.

Павел Флоренски рекол дека за оние луѓе и народи со мртва вера – мртви се и светителите, а за оние со жива вера, со живеење според животот на светителите – живи се и светителите.

Македонскиот народ со векови живее под ореолите на своите светии. Затоа и денес токму во неделата посветена на сите македонски светители ќе спомнеме на овој мал простор само некои од нив кои се родиле, живееле и делувале за ширење на Христовата наука во Македонија: св. Кирил Солунски, филзооф, св.Методиј Солунски, св.Климент Охридски, св. Наум Охридски, св. Григориј епископ Охридски, св.Прохор Пчински, св.Гаврил Лесновски, св.Агатангел Битолски, св. Јоаким Осоговски, св. Ѓорѓи Кратовски, св. Кирана Солунска. св.Никита Серски, св. Матрона Солунска, св. Јован Кукузел, св.Александар Солунски, св.Еразмо Охридски, св.Нектариј Битолски, св.Спасо Радовишки, св.Васа Солунска, св.Злата Мегленска, светите 15 Тиверополски (струм.) Маченици, св. Ефтимиј Солунски, св.Роман еп. Макеоднски, св. Николај архиеп. Солунски, св.Тесалоникија, св.Зиновиј и Зиновија Егејски, св.Ангел Лерински, св. Христо, св. Никодим Охридски, преподобен Акакиј Серски, преп. Иларион Мегленски, преп. Петар Мегленски, преп. Петар Атонски, преп.Теофил Македонски, преп.Давид Солунски, преп. Никодим Елбасански, преп. Јован Рилски

И на крајот една тема за размислување: Светителите можат без нас, но дали ние можеме без нив!?



Сайт создан в системе uCoz